Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 17:13-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Трите најстари Јесееви синови беа отишле по Саула во војна; а тие три негови синови, кои беа отишле во војна, се викаа: најстариот Елијав, вториот Авинадав, а третиот Сама.

14. Давид беше најмлад. А трите најстари беа отишле по Саула.

15. Давид одеше кај Саула и се враќаше од неговата служба, за да ги пасе стадата на својот татко во Витлеем.

16. А Филистеецот излегуваше секое утро и вечер и се покажуваше така четириесет дни.

17. А Јесеј му рече на својот син Давид: „Земи ги за своите браќа оваа ефа пржено жито и овие десет лебови и однеси ги побрзо кај своите браќа во логорот.

18. А оние десет пити сирење, однеси ги на нивниот илјадник. Распрашај се за здравјето на своите браќа и донеси од нив знак дека си го извршил налогот!

19. Тие се со Саула и со сите Израелци во Илинската Долина: војуваат против Филистејците.”

20. Давид стана рано наутро, му го остави стадото на еден чувар, се приготви и отиде како што му беше заповедал Јесеј. Стигна во логорот кога војската излегуваше во боен ред и дигаше боен восклик.

21. Израелците и Филистејците се наредија во боен ред едни спроти други.

22. Давид ги остави своите работи на чуварот на спремата па отрча во бојниот ред. Откако дојде ги праша своите браќа за здравјето.

23. Додека разговараше со нив, ете, оној предизвикувачот (се викаше Голијат, Филистеец од Гат) излезе од филистејските бојни редови и ги повтори истите зборови како порано. И Давид ги чу.

24. А штом Израелците го здогледаа тој човек, избегаа сите далеку од него, и страв ги опфати.

25. Некој Израелец рече: „Дали го видовте оној човек што излезе? А излезе да го предизвикува Израел. Кој ќе го погуби него, царот ќе му даде големо благо, и ќе му ја даде својата ќерка, и ќе го ослободи од данок неговиот татковски дом во Израел.”

26. Тогаш Давид ги праша луѓето, кои стоеја околу него: „Што ќе добие човекот, кој ќе го убие тој Филистеец и го симне срамот од Израел? И кој е тој необрезан Филистеец, за да ги предизвикува бојните редови на живиот Бог?”

27. А народот му одговори со истите зборови како порано: „Ете тоа ќе добие човекот, кој ќе го погуби.”

28. А кога Елиав, неговиот најстар брат, чу како разговараше со луѓето, пламна со гнев против Давида па му рече: „А што си дошол ти тука? Кому му ги остави оние малку овци во пустината, ја знам јас твојата дрскост и злобата на твоето срце: дојде за да ја видиш битката!”

29. А Давид одговори: „А што направив? Зар не смее да се рече ни збор?”

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 17