Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 17:12-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. Давид му беше син на некој си Ефраќанец од Витлеем во Јудеја; тој се викаше Јесеј, а имаше осум синови. Тој човек, во Сауловото време, беше стар и напреднат во годините.

13. Трите најстари Јесееви синови беа отишле по Саула во војна; а тие три негови синови, кои беа отишле во војна, се викаа: најстариот Елијав, вториот Авинадав, а третиот Сама.

14. Давид беше најмлад. А трите најстари беа отишле по Саула.

15. Давид одеше кај Саула и се враќаше од неговата служба, за да ги пасе стадата на својот татко во Витлеем.

16. А Филистеецот излегуваше секое утро и вечер и се покажуваше така четириесет дни.

17. А Јесеј му рече на својот син Давид: „Земи ги за своите браќа оваа ефа пржено жито и овие десет лебови и однеси ги побрзо кај своите браќа во логорот.

18. А оние десет пити сирење, однеси ги на нивниот илјадник. Распрашај се за здравјето на своите браќа и донеси од нив знак дека си го извршил налогот!

19. Тие се со Саула и со сите Израелци во Илинската Долина: војуваат против Филистејците.”

20. Давид стана рано наутро, му го остави стадото на еден чувар, се приготви и отиде како што му беше заповедал Јесеј. Стигна во логорот кога војската излегуваше во боен ред и дигаше боен восклик.

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 17