Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 15:14-28 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. Ама Самоил праша: „Какво е тоа блеење на овци што достига до моите уши и мукање на говеда што го слушам?”

15. А Саул одговори: „Ги потераа од Амаликците, зашто народот ги поштеди најдобрите овци и најдобрите говеда, за да ги жртвува на Господа, на твојот Бог. Сè друго истребивме!”

16. А Самоил му рече на Саула: „Застани да ти кажам што ми откри ноќеска Господ.” А тој рече: „Зборувај”.

17. Тогаш Самоил рече: „Колку и да си мал во своите очи, сепак стана главатар на Израелевите племиња. Господ те помза за цар над Израел.

18. Господ те испрати во воен поход и ти заповеда: ‘Оди изврши клето уништување над тие грешници, над Амаликците, војувај против нив до истребување.’

19. Зошто не ги послуша Господовите зборови? Зошто се нафрли на грабеж и го стори она што е зло во Господовите очи?”

20. Саул му одговори на Самоила: „Јас го послушав Господовиот збор: презедов поход каде што ме испрати, го доведов Агаг, амаличкиот цар, и извршив клето истребување над Амаликците.

21. Но народот зеде од пленот овци и говеда, и тоа од најдобрите врз кои требаше да биде извршен клето истребување, за да Му ги жртвува на Господа, на твојот Бог, во Галгал.”

22. А Самоил одговори: „Дали Му се на Господа помили палениците и приносите од послушноста кон Неговиот глас? Знај, послушноста е поскапоцена од најдобрата жртва, покорноста е подобра од овни;

23. непокорноста е како гревот на вражањето самоволието е како злостор со идолите. Ти го отфрли Господовиот збор, затоа Господ те отфрли тебе, за да не бидеш повеќе цар!”

24. Тогаш Саул му одговори на Самоила: „Згрешив што ги прекршив Господовата заповед и твоите наредби. Се боев од народот и му попуштив на неговото барање.

25. А сега прости ми го мојот грев и врати се со мене, за да му се поклонам на Господа.”

26. Но Самоил му одговори на Саула: „Нема да се вратам со тебе: ти го отфрли Господовото слово, затоа Господ те отфрли тебе, за да не бидеш веќе цар над Израел.”

27. Кога Самоил се сврте за да си отиде, Саул го фати цврсто скутот на неговата наметка, но скутот се отцепи.

28. Тогаш Самоил му рече: „Денес Господ ти го отцепи царството над Израел и му го даде на твојот сосед, кој е подобар од тебе.”

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 15