Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 14:6-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. Јонатан му рече на својот оруженосец: „Ајде да поминеме до стражата на оние необрезаници. Можеби Господ ќе направи нешто за нас, зашто ништо не Му пречи на Господа да додели победа, било да се многу луѓе или малку.”

7. А штитоносецот му одговори: „Прави сè на што те поттикнува твоето срце. Јас ќе дојдам со тебе, моето срце е како твоето срце.”

8. Јонатан му одговори: „Еве ќе поминеме кон тие луѓе и ќе им се покажеме.

9. Ако ни речат вака: ‘Не мрдајте сè додека не дојдеме до вас,’ тогаш ќе се исправиме на местото и нема да се искачуваме кон нив.

10. Ама ако ни речат вака: ‘Искачете се кон нас,’ тогаш ќе се искачиме, зашто Господ ни ги предаде во рацете. Тоа ќе ни биде знак.”

11. Кога двајцата и се покажаа на филистејската стража, филистејците рекоа: „Ете Евреите почнаа да излегуваат од дупките во кои се скрија.”

12. И стражарите му викнаа на Јонатана и на неговиот оруженосец: „Искачете се кон нас за да ве научиме нешто!” А Јонатан му рече на својот оруженосец: „Искачувај се по мене, зашто Господ ги предаде во Израелевите раце.”

13. Јонатан почна да се искачува помагајќи се со рацете и нозете, а по него неговиот оруженосец. Филистејците паѓаа пред Јонатана, а неговиот штитоносец ги убиваше по него.

14. Во тој прв колеж што го направија Јонатан и неговиот штитоносец, паднаа дваесет луѓе на од прилика половина рало изорано поле.

15. Тогаш се рашири страв по логорот и по полето, а стравот ги опфати и стражарите и четата грабачи; и земјата се стресе, и тоа беше силен Божји страв.

16. А Сауловите стражари во Венијаминовата Гаваја забележија дека мноштвото во логорот се разбранувало на сите страни.

17. И Саул им рече на луѓето кои што беа со него: „Извикувајте по име и видите кој си отишол од нас.” А кога прозиваа, ете, ги немаше Јонатана и неговиот штитоносец!

18. Тогаш Саул му рече на Ахиј: „Приближи го наплеќникот! Посоветувај се со Господа!” Зашто Божјиот Ковчег во тоа време беше со Израелевите синови.

19. Но додека Саул зборуваше со свештеникот, вревата во филистејскиот логор стануваше сè поголема, па Саул му рече на свештеникот: „Повлечи ја раката!”

20. Тогаш Саул и сиот народ што беше со него тргнаа заедно кон местото на бојот, и ете, таму ги беа извлекле мечевите едни на други, и голем смут владееше меѓу нив.

21. А оние Евреи кои од поодамна беа во служба на Филистејците и кои што тргнаа сега со нив во војската, се одметнаа од нив и им се придружија на Израелците, кои беа со Саула и со Јонатана.

22. И сите Израелци, кои се беа скриле во Ефремовата Гора, откако чуја дека Филистејците бегаат, се нафрлија по нив во бој.

23. Така Господ му додели победа на Израел во оној ден, а бојот се рашири сè до преку Вет Авен.

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 14