35. А Саул Му подигна жртвеник на Господа; тоа беше прв жртвеник што Му го подигна на Господа.
36. Тогаш Саул рече: „Да тргнеме уште ноќеска во потера по Филистејците, и да ги пленуваме додека не осамне утрото! Нема да им оставиме ниеден човек!” А народот му одговори: „Прави сè што мислиш дека е добро!” Ама свештеникот рече: „Да Му пристапиме тука на Бога!”
37. И Саул го праша Бога: „Треба ли да тргнам во потера по Филистејците? Дали ќе ги предадеш во Израелеви раце?” Ама не му одговори во оној ден.
38. Затоа Саул рече: „Пристапете ваму, сите народни главатари! Испитајте и видете во што беше денешниот престап.
39. Зашто, живиот ми Господ, Кој му дава победа на Израел, ако се најде вина макар и на мојот син Јонатан, треба да умре!” Ама никој од народот не се осмели да му одговори на Саула.
40. Саул тогаш му рече на сиот Израел: „Вие застанете на една страна, а јас и мојот син Јонатан ќе застанеме на другата страна.” А народот му одговори на Саула: „Прави го она што мислиш дека е добро!”
41. Тогаш Саул се помоли: „Господи, Израелев Боже, зошто не му одговори денес на својот слуга? Ако е вината на мене или на мојот син Јонатан, Господи, Израелев Боже, дај Урим; ако е вината на Твојот народ Израел, дај Тумим.” И жрепката падна на Саула и на Јонатана, а народот излезе прав.
42. Саул продолжи: „Фрлете жрепка за мене и за мојот син Јонатан!” И жрепката падна на Јонатана.
43. Тогаш Саул му рече на Јонатана: „Признај што си направил!” Јонатан одговори: „Јас само вкусив малку мед со врвот на стапот што ми беше во раката. Еве ме, готов сум да умрам!”
44. Саул одговори: „Така Господ да ми направи зло и да ми додаде друго ако навистина не умреш Јонатане!”