Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 14:31-42 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

31. Во оној ден ги поразија Филистејците од Михмас сè до Ајалон, а народот беше на крајот на своите сили.

32. Тогаш народот се нафрли на грабеж, нафаќа ситен добиток, говеда и телиња и почна да ги коле на гола земја и да го јаде месото со крвта.

33. И му соопштија на Саула, велејќи: „Ете народот му греши на Господа, јадејќи месо со крв!”

34. Потоа рече: „Отидете меѓу народот и речете им на сите нека секој го доведе при мене својот вол или овца; тука ќе ги колете и ќе ги јадете, а нема да Му грешите на Господа, јадејќи месо со крвта.” Така сиот народ уште во истата ноќ доведе кој што имаше, и тоа го колеа таму.

35. А Саул Му подигна жртвеник на Господа; тоа беше прв жртвеник што Му го подигна на Господа.

36. Тогаш Саул рече: „Да тргнеме уште ноќеска во потера по Филистејците, и да ги пленуваме додека не осамне утрото! Нема да им оставиме ниеден човек!” А народот му одговори: „Прави сè што мислиш дека е добро!” Ама свештеникот рече: „Да Му пристапиме тука на Бога!”

37. И Саул го праша Бога: „Треба ли да тргнам во потера по Филистејците? Дали ќе ги предадеш во Израелеви раце?” Ама не му одговори во оној ден.

38. Затоа Саул рече: „Пристапете ваму, сите народни главатари! Испитајте и видете во што беше денешниот престап.

39. Зашто, живиот ми Господ, Кој му дава победа на Израел, ако се најде вина макар и на мојот син Јонатан, треба да умре!” Ама никој од народот не се осмели да му одговори на Саула.

40. Саул тогаш му рече на сиот Израел: „Вие застанете на една страна, а јас и мојот син Јонатан ќе застанеме на другата страна.” А народот му одговори на Саула: „Прави го она што мислиш дека е добро!”

41. Тогаш Саул се помоли: „Господи, Израелев Боже, зошто не му одговори денес на својот слуга? Ако е вината на мене или на мојот син Јонатан, Господи, Израелев Боже, дај Урим; ако е вината на Твојот народ Израел, дај Тумим.” И жрепката падна на Саула и на Јонатана, а народот излезе прав.

42. Саул продолжи: „Фрлете жрепка за мене и за мојот син Јонатан!” И жрепката падна на Јонатана.

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 14