Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 14:18-38 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. Тогаш Саул му рече на Ахиј: „Приближи го наплеќникот! Посоветувај се со Господа!” Зашто Божјиот Ковчег во тоа време беше со Израелевите синови.

19. Но додека Саул зборуваше со свештеникот, вревата во филистејскиот логор стануваше сè поголема, па Саул му рече на свештеникот: „Повлечи ја раката!”

20. Тогаш Саул и сиот народ што беше со него тргнаа заедно кон местото на бојот, и ете, таму ги беа извлекле мечевите едни на други, и голем смут владееше меѓу нив.

21. А оние Евреи кои од поодамна беа во служба на Филистејците и кои што тргнаа сега со нив во војската, се одметнаа од нив и им се придружија на Израелците, кои беа со Саула и со Јонатана.

22. И сите Израелци, кои се беа скриле во Ефремовата Гора, откако чуја дека Филистејците бегаат, се нафрлија по нив во бој.

23. Така Господ му додели победа на Израел во оној ден, а бојот се рашири сè до преку Вет Авен.

24. Израелците беа во оној ден многу изморени, зашто Саул ја изрече над народот оваа заклетва: „Проклет да биде човекот, кој ќе вкуси храна пред вечерта, пред да им се одмаздам на своите непријатели!” Така сиот народ не вкуси храна во тој ден.

25. Но таму имаше саќи со мед на површината на земјата.

26. Кога народот дојде онаму, виде како тече мед, но никој не ја принесе раката кон устата, зашто народот се боеше од заклетвата.

27. Само Јонатан, кој не чу кога неговиот татко го заколна народот, го доближи врвот на стапот, што му беше во раката, и го намака во медените саќи, потоа ја принесе раката кон устата; и веднаш му засветкаа очите.

28. Тогаш еден од народот проговори и рече: „Твојот татко го заколна народот, велејќи: ‘Проклет да е оној кој ќе вкуси храна денес!’”

29. А Јонатан одговори: „Мојот татко ја навалува несреќата на земјата. Гледајте, ми засветкаа очите зашто вкусив малку од тој мед.

30. Што би било допрва ако народот јадеше слободно од пленот што го доби од непријателот? Не ќе ли беше уште поголем филистејскиот пораз?”

31. Во оној ден ги поразија Филистејците од Михмас сè до Ајалон, а народот беше на крајот на своите сили.

32. Тогаш народот се нафрли на грабеж, нафаќа ситен добиток, говеда и телиња и почна да ги коле на гола земја и да го јаде месото со крвта.

33. И му соопштија на Саула, велејќи: „Ете народот му греши на Господа, јадејќи месо со крв!”

34. Потоа рече: „Отидете меѓу народот и речете им на сите нека секој го доведе при мене својот вол или овца; тука ќе ги колете и ќе ги јадете, а нема да Му грешите на Господа, јадејќи месо со крвта.” Така сиот народ уште во истата ноќ доведе кој што имаше, и тоа го колеа таму.

35. А Саул Му подигна жртвеник на Господа; тоа беше прв жртвеник што Му го подигна на Господа.

36. Тогаш Саул рече: „Да тргнеме уште ноќеска во потера по Филистејците, и да ги пленуваме додека не осамне утрото! Нема да им оставиме ниеден човек!” А народот му одговори: „Прави сè што мислиш дека е добро!” Ама свештеникот рече: „Да Му пристапиме тука на Бога!”

37. И Саул го праша Бога: „Треба ли да тргнам во потера по Филистејците? Дали ќе ги предадеш во Израелеви раце?” Ама не му одговори во оној ден.

38. Затоа Саул рече: „Пристапете ваму, сите народни главатари! Испитајте и видете во што беше денешниот престап.

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 14