Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 1:9-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Ама Ана стана, откако јадеа и пиеја во Сило, и стапи пред Господа - а свештеникот Илија седеше на столица на прагот на Господовиот Храм.

10. И јадосана во душата Ана Му се помоли на Господа, плачејќи горко.

11. И се заветува вака: „Господи над Воинствата! Ако погледнеш на неволјата на својата слугинка, и си спомниш за мене, и не ја заборавиш својата слугинка та и дадеш на својата слугинка машко дете, јас ќе Му го подарам на Господа за сите денови на неговиот живот, и брич нема да помине преку неговата глава.”

12. Така таа се молеше долго пред Господа, а Илија ги набљудуваше нејзините усни.

13. Ана зборуваше во срцето; само се помрднуваа нејзините усни, а гласот не и се слушаше. Затоа Илија помисли дека е пијана.

14. И Илија и рече: „До кога ќе бидеш пијана? Отрезни се од виното што е во тебе!”

15. Но Ана одговори и рече: „Не сум пијана, господару, туку сум голема несреќница. Не сум пила ни вино ни опоен пијалак, туку ја излевам својата душа пред Господа.

16. Не суди ја својата слугинка како недобра жена, зашто заради тешка тага и жалост се молев толку долго.”

17. Тогаш Илија и одговори вака: „Оди си во мир! А Израелевиот Бог нека ти ја исполни молитвата со која Го молеше.”

18. А таа рече: „Нека твојата слугинка најде милост во твоите очи!” И жената си отиде по својот пат: јадеше, и лицето не и беше веќе тажно како порано.

19. Утрината поранија и Му се поклонија на Господа, а тогаш се вратија и дојдоа во својата куќа во Рама. Елкан ја позна Ана, својата жена, а Господ си спомни за неа.

20. Ана забремени и, кога и беше времето, роди син, кого го нарече со името Самоил, „зашто,” рече, „го измолив од Господа.”

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 1