Стар Завет

Нов Завет

1 Летописи 12:30-40 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

30. Ефремови синови дваесет илјади и осум стотини, сè храбри јунаци, луѓе на глас во своите семејства.

31. Од половината Манасиево племе осумнаесет илјади спомнати по име, за да дојдат да го зацарат Давида.

32. Од Исахаровите синови, кои умееја да го разберат своето време и да сознаат што треба да направи Израел; двеста нивни главатари. Сите нивни браќа им беа подложени.

33. Од Завулоновите синови, способни за војна и вооружени за бој со секакво бојно оружје, педесет илјади, кои со смело срце се подредија во бојни редови.

34. Од Нефталимовото племе илјада кнезови и со нив триесет и седум илјади луѓе со штитови и со копја;

35. од Дановото племе дваесет и осум илјади и шест стотини вооружени за бој,

36. а од Асировото племе четириесет илјади способни за војска и за бој опремени.

37. Од оние отаде Јордан, од Рувимовото, од Гадовото и од половината Манасиево племе, сто и дваесет илјади луѓе со секакво воено оружје.

38. Сите тие војници, подредени во бојни редови, дојдоа со чесно срце во Хеврон за да го зацарат Давида над сиот Израел; и сите други Израелци беа еднодушни за да го постават Давида за цар.

39. Поминаа три дни со Давида, јадејќи и пиејќи. Браќата подготвија сè за нив.

40. Нивните најблиски соседи, сè до Исахар, Завулон и Нефталим, донесуваа храна на ослиците, на камилите и на мазгите, а со воловите јадења: брашно, смоквени низаници, суво грозје, вино, масло, крупен и ситен добиток изобилно, зашто беше веселба во Израел.

Прочитајте целосна глава 1 Летописи 12