Стар Завет

Нов Завет

Римјаните 8:18-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. Зашто сметам дека страдањата на сегашното време не се ништо во споредба со славата, која ќе ни се открие нам.

19. Зашто сето создание со нетрпелив копнеж го очекува откривањето на Божјите синови -

20. имено, созданието и беше потчинето на суетата, не доброволно, туку од оној, кој го потчини - во надеж

21. дека и самото создание ќе биде ослободено од ропството на распаѓањето; во слобода на славата на Божјите деца.

22. Имено, знаеме дека целото создание заедно воздивнува и страда во родилни маки досега.

23. И не само тоа, туку и ние, кои го имаме Духот како прв дар; ние самите воздивнуваме во себе чекајќи го посинувањето: откупувањето на нашето тело.

24. Зашто, во оваа надеж ние се спасивме. А надежта која се гледа не е надеж; зашто, кога некој нешто гледа, зошто да му се надева?

25. Но ако се надеваме на она што не го гледаме, тогаш го чекаме со трпение.

26. Исто така и Духот и помага на нашата слабост, зашто ние не знаеме за што да се молиме, како што треба: но Самиот Дух посредува за нас со неискажливи воздишки.

27. А Оној, Кој ги испитува срцата, знае какво е значењето на Духот, зашто по Божјата волја се моли за светите.

28. Но знаеме дека сите работи содејствуваат за добро на оние, кои Го љубат Бога, кои се повикани по Неговата намера;

29. зашто оние кои ги познаваше однапред, нив и ги предопредели да се преобразат според ликот на Неговиот Син, за Тој да биде Првороденец меѓу многуте браќа.

30. А оние кои ги предопредели, тие и ги повика; кои ги повика, тие и ги оправда; кои ги оправда, тие и ги прослави.

31. И така, што да речеме на ова? Ако е Бог за нас, кој ќе биде против нас?

Прочитајте целосна глава Римјаните 8