Стар Завет

Нов Завет

Римјаните 8:12-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. Според тоа, браќа, не сме му должници на телото, за да живееме по телото.

13. Зашто, ако живеете по телото, ќе умрете; но ако преку Духот ги умртвувате телесните дејства - ќе живеете.

14. Сите оние, кои ги води Божјиот Дух - тие се Божји синови.

15. Имено, не го примивте духот на ропството, за да бидете пак во страв, туку го примивте Духот на посинувањето, со кој викаме: „Ава - Татко!”

16. Самиот Дух сведочи заедно со нашиот дух дека сме Божји чеда.

17. Ако сме чеда, тогаш сме и наследници: Божји наследници, а Христови сонаследници - ако страдаме со Него, со Него и да се прославиме.

18. Зашто сметам дека страдањата на сегашното време не се ништо во споредба со славата, која ќе ни се открие нам.

19. Зашто сето создание со нетрпелив копнеж го очекува откривањето на Божјите синови -

20. имено, созданието и беше потчинето на суетата, не доброволно, туку од оној, кој го потчини - во надеж

21. дека и самото создание ќе биде ослободено од ропството на распаѓањето; во слобода на славата на Божјите деца.

22. Имено, знаеме дека целото создание заедно воздивнува и страда во родилни маки досега.

23. И не само тоа, туку и ние, кои го имаме Духот како прв дар; ние самите воздивнуваме во себе чекајќи го посинувањето: откупувањето на нашето тело.

24. Зашто, во оваа надеж ние се спасивме. А надежта која се гледа не е надеж; зашто, кога некој нешто гледа, зошто да му се надева?

25. Но ако се надеваме на она што не го гледаме, тогаш го чекаме со трпение.

Прочитајте целосна глава Римјаните 8