Стар Завет

Нов Завет

Римјаните 2:1-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Затоа немаш изговор човеку, кој судиш - кој и да си ти - зашто судејќи го другиот, самиот се осудуваш; бидејќи ти кој судиш, го правиш истото.

2. А знаеме дека Божјиот суд е според вистината врз тие, кои прават такви работи.

3. Мислиш ли, о човеку, кој им судиш на оние, кои прават такви работи, а истото го правиш, дека ќе го избегнеш Божјиот суд?

4. Или ги презираш: богатството на Неговата благост, кротоста и долготрпеливоста, а не знаеш дека Божјата добрина те води кон покајание?

5. Но со твојата закоравеност и со непокајаното срце самиот собираш гнев врз себе, за денот на гневот и на откривањето на праведниот Божји суд,

6. Кој ќе му даде секому според неговите дела:

7. на оние, кои со трпение прават добро и бараат слава, чест и непропадливост - вечен живот;

8. а на оние, кои се противаат и не и се покоруваат на вистината, а се покоруваат на неправдата - гнев и јарост.

9. Неволја и мака на секоја човечка душа, која прави зло; а најпрвин на Јудеец, па и на Грк!

10. А слава, чест и мир за секого, кој прави добро; а најпрвин на Јудеец, па и на Грк!

11. Зашто Бог не гледа на лице.

12. Зашто, кои згрешиле без Закон, без Закон и ќе загинат; а сите кои згрешиле под Закон, според Законот ќе бидат осудени.

13. Бидејќи, пред Бога не се праведни оние, кои само го слушаат Законот, а ќе бидат оправдани оние, кои се извршители на Законот.

14. Зашто кога народите, кои немаат Закон, го исполнуваат - по природа - она што Законот го бара; тогаш тие се, немајќи Закон, сами за себе закон.

15. Тие покажуваат дека делото на Законот е напишано во нивните срца, за што сведочат: нивната совест и нивните мисли, што меѓусебно се обвинуваат или се бранат,

16. во Денот, кога Бог преку Исуса Христа, според моето Евангелие, ќе ги суди човечките тајни.

17. Ако ти, кој се наречуваш Јудеец, се потпираш на Законот и се фалиш со Бога,

18. ја знаеш Неговата волја и, поучен од Законот, знаеш да го избереш подоброто;

19. и си уверен дека си водач на слепци, светлина на оние, кои се во темнина,

20. воспитач на неразумните, учител на младите, зашто имаш во Законот олицетворување на знаењето и вистината;

Прочитајте целосна глава Римјаните 2