Стар Завет

Нов Завет

Римјаните 11:9-28 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. И Давид зборува: „Нивната трпеза да им биде стапица, и мрежа и соблазан и одмазда!

10. Очите нека им се помрачат, за да не гледаат! А плеќите свиткај им ги засекогаш!”

11. И така прашувам: да не се сопнаа, за да паднат сосем? Да не биде! Туку преку нивното сопнување им дојде спасение на народите, за да ги поттикнат на ревност.

12. Ако нивното сопнување значи богатство за светот, а нивното отпаѓање богатство за народите, колку повеќе ќе биде нивната полнота!

13. Но ви зборувам вам, народи; бидејќи сум апостол на народите, јас ја прославувам мојата служба,

14. та на некој начин да го поттикнам на ревност својот род и да спасам некои од нив.

15. Зашто, ако нивното отфрлање е помирување за светот, какво ли ќе биде нивното примање, ако не живот од мртвите?

16. Ако се свети првите плодови - и тестото е; ако е коренот свет - и гранките се.

17. Ако се откршени некои гранки, и ти, кој си дива маслинка, си накалемен меѓу нив и си станал соучесник во сочниот корен на маслинката,

18. не фали се пред гранките! Ако се фалиш, знај дека ти не го носиш коренот, туку коренот - тебе!

19. Но ќе речеш: „Гранките се откршени, за да бидам јас прикалемен!”

20. Добро! Поради неверието се откршија, а ти стоиш преку верата.

21. Не гордеј се, туку бој се! Зашто, ако Бог не ги поштеди природните гранки, не ќе те поштеди ни тебе.

22. И така, гледај ги Божјата благодат и строгост: строгоста се пројавува кон паднатите, а Божјата благодат кон тебе, ако истраеш во благодатта - зашто инаку и ти ќе бидеш отсечен.

23. А и тие, ако не останат во неверието, ќе бидат прикалемени, зашто Бог може пак да ги прикалеми.

24. Зашто, ако си ти отсечен од природната дива маслинка и, против природата - си прикалемен на питомата маслинка, колку полесно ќе бидат прикалемени врз сопствената маслинка оние, кои и се природни.

25. Не сакам, браќа, да ви остане непозната оваа тајна, за да не мудрувате по своја мудрост: еден дел на Израел закораве, додека народите не влезат во полн број.

26. И така, целиот Израел ќе се спаси, како што е напишано: „Избавителот ќе дојде од Сион; ќе ја одврати безбожноста од Јакова.

27. И ова им е Завет од Мене кон нив, кога ќе им ги отстранам гревовите.”

28. Со оглед на Евангелието, тие се непријатели заради вас, но по изборот возљубени се, заради татковците.

Прочитајте целосна глава Римјаните 11