11. Над себе го имаа за цар ангелот на Бездната, кому името на еврејски јазик е Авадон (Погубител), а на грчки се вика Аполион.
12. Едно зло помина, и еве, доаѓаат уште две зла по него.
13. И шестиот ангел затруби: и чув еден глас од четирите рога на златниот жртвеник пред Бога,
14. како му зборува на шестиот ангел, кој имаше труба: „Одврзи ги четирите ангела, кои се врзани при големата река Еуфрат!”
15. И беа одврзани четирите ангела, приготвени за час, за ден, за месец и за година, да убијат третина од луѓето.
16. А бројот на војувачките коњаници беше двеста милиони - го чув нивниот број.
17. И во привидот вака ги видов коњите и оние, кои седеа на нив: имаа огнени оклопи, и синкасти и сулфурни; а главите на коњите личеа на глави на лавови, и од нивните усти излегуваа оган и дим и сулфур.
18. Од овие три зла - од огнот, од димот и од сулфурот, што излегуваа од нивните усти, загина третина од луѓето.
19. Зашто силата на коњите беше во нивните усти и во нивните опашки: имено, нивните опашки се слични на змиите, имаат глави и пакостат со нив.
20. А другите луѓе, кои не загинаа од овие зла, не се покајаа за делата на своите раце, да не им се поклонуваат на бесовите и на златните, сребрените, бронзените, камените и дрвените идоли, кои не можат ниту да гледаат, ниту да слушаат, ниту да одат.
21. И не се покајаа за своите убиства, ниту за своите вражања, ниту за своите блудства, ниту за своите кражби.