Стар Завет

Нов Завет

Откровение 7:6-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. од Асировото племе дванаесет илјади, од Нефталимовото племе дванаесет илјади, од Манасиевото племе дванаесет илјади;

7. од Симеоновото племе дванаесет илјади, од Левиевото племе дванаесет илјади, од Исахаровото племе дванаесет илјади;

8. од Завулоновото племе дванаесет илјади, од Јосифовото племе дванаесет илјади, од Венијаминовото племе дванаесет илјади запечатени.

9. Потоа видов, и ете: големо множество народ - што никој не можеше да го изброи - од сите народности и племиња и народи и јазици, како стојат пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки, со палмини гранчиња во своите раце,

10. и воскликнуваа со голем глас: „Спасение на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето!”

11. И сите ангели стоеја околу престолот, и старешините и четирите живи суштества, и паднаа на своите лица пред престолот и Му се поклонија на Бога,

12. велејќи: „Амин! Благослов и слава; и премудрост и благодарност; и чест и сила и моќ на нашиот Бог во сите векови. Амин!”

13. И еден од старешините одговори, велејќи ми: „Кои се и од каде дојдоа овие, кои се облечени во бели облеки?”

14. А јас му реков : „Господине мој, ти знаеш!” И ми рече: „Тоа се оние, кои доаѓаат од голема неволја, кои ги испраа облеките свои и ги избелија во крвта на Јагнето.”

15. Затоа се пред Божјиот престол и Му служат дење и ноќе во Неговиот храм; а Оној, Кој седи на престолот, ќе го оптегне Својот Шатор над нив.

16. Нема веќе да огладнат ниту да ожеднат, ниту сонцето ќе ги пече, ниту некаква жега;

17. зашто Јагнето, Кое е среде престолот, ќе ги пасе и ќе ги води на извори жива вода; и Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи.

Прочитајте целосна глава Откровение 7