Стар Завет

Нов Завет

Откровение 7:1-10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Потоа видов четири ангела како стојат на четирите агли на земјата, држејќи ги четирите земни ветрови, за да не дува ветар ниту на земјата, ни по морето, ниту на некое дрво.

2. И видов друг ангел, кој се издигна од исток и кој имаше печат на живиот Бог, па почна да им вика со силен глас на четирите ангела, на кои им беше дадено да им напакостат на земјата и на морето,

3. велејќи: „Не пакостете и на земјата, ни на морето, ниту на дрвјата, додека не ги запечатиме челата на слугите на нашиот Бог!”

4. И го чув бројот на запечатените: сто четириесет и четири илјади запечатени од сите племиња на Израелевите синови:

5. од Јудиното племе дванаесет илјади запечатени, од Рувимовото племе дванаесет илјади, од Гадовото племе дванаесет илјади;

6. од Асировото племе дванаесет илјади, од Нефталимовото племе дванаесет илјади, од Манасиевото племе дванаесет илјади;

7. од Симеоновото племе дванаесет илјади, од Левиевото племе дванаесет илјади, од Исахаровото племе дванаесет илјади;

8. од Завулоновото племе дванаесет илјади, од Јосифовото племе дванаесет илјади, од Венијаминовото племе дванаесет илјади запечатени.

9. Потоа видов, и ете: големо множество народ - што никој не можеше да го изброи - од сите народности и племиња и народи и јазици, како стојат пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки, со палмини гранчиња во своите раце,

10. и воскликнуваа со голем глас: „Спасение на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето!”

Прочитајте целосна глава Откровение 7