поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22

Стар Завет

Нов Завет

Откровение 13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А јас застанав на песокта од морскиот брег. И видов Ѕвер, како излегува од морето, кој имаше десет рогови и седум глави, а на неговите рогови десет круни и на неговите глави богохулни имиња.

2. И Ѕверот, што го видов, беше како леопард, и нозете му беа како на мечка, а устата како на лав. И змевот му ја даде својата сила, и својот престол, и голема власт

3. И видов една од неговите глави, како да е смртно ранета, но неговата смртоносна рана беше исцелена. И се зачуди сета земја и тргна по Ѕверот,

4. и му се поклонија на змевот, што му даде власт на Ѕверот, му се поклонија и на Ѕверот, велејќи: „Кој му е еднаков на Ѕверот, и кој може да војува против него?”

5. И му се даде уста, која зборува големи зборови и богохулства, и му се даде власт да прави така четириесет и два месеца.

6. И ја отвори својата уста да хули против Бога, да го похули Неговото име, и Неговиот Шатор, и оние, кои живеат во небото.

7. И му се даде да завојува против светите и да ги победи, и му се даде власт над секое племе и народ и јазик и народност.

8. И ќе му се поклонат сите, кои живеат на земјата, чии имња не се запишани во Книгата на Животот на Јагнето, заклано од создавањето на светот.

9. Кој има уво, нека чуе.

10. Кој води во ропство, и самиот ќе биде одведен во ропство; кој убива со меч, и самиот треба да загине од меч. Тука е трпението и верата на светите.

11. И видов друг ѕвер, како излегува од земјата, и имаше два рога, како кај јагне, а зборуваше како змев.

12. И тој ја вршеше власта на првиот Ѕвер, пред него, и направи земјата и нејзините жители да му се поклонуваат на првиот Ѕвер, чија смртоносна рана беше залечена.

13. И правеше големи чуда, така што и оган симнуваше од небото на земјата пред луѓето.

14. Тој ги заведуваше жителите на земјата со чудата, што му беа дадени да ги прави пред Ѕверот, велејќи им на жителите на земјата, да направат лик на Ѕверот, кој имаше рана од меч и остана жив.

15. И му беше дадено да вдахне дух во ликот на Ѕверот така што ликот на Ѕверот да прозборува, и да направи да бидат убиени оние, кои нема да се поклонат на ликот на Ѕверот.

16. И направи сите - мали и големи, богати и сиромашни, слободни и робови - да им се даде ознака на десната рака или на челото,

17. и никој да не може ниту да купи ниту да продаде, освен оној, кој има ознака: името на Ѕверот или бројот на неговото име.

18. Тука е мудроста. Кој има ум нека го пресмета бројот на Ѕверот, зашто е број на човек. а неговиот број е: шестотини шеесет и шест.