Стар Завет

Нов Завет

Откровение 11:9-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. И луѓето од народите и племињата и јазиците и народностите ќе ги гледаат нивните трупови три ипол дена, и не ќе дозволат нивните трупови да бидат положени во гроб.

10. И жителите на земјата ќе се радуваат и ќе се веселат за нив, и ќе си праќаат дарови еден на друг, зашто тие два пророка ги измачуваа жителите на земјата.

11. И по три ипол дена, влезе во нив животворен дух од Бога, и застанаа на свои нозе, а голем страв ги обзеде оние, кои ги гледаа.

12. И чуја силен глас од небото, кој им велеше: „Дојдете ваму, горе!” И отидоа горе во небо во облакот, и нивните непријатели ги видоа.

13. А во тој час настана голем земјотрес, и падна десеттиот дел на градот, и од земјотресот загинаа седум илјади човечки имиња; а другите се уплашија и Му воздадоа слава на небесниот Бог.

14. Второто зло помина, и ете, третото зло доаѓа брзо.

15. И седмиот ангел затруби, и одекнаа силни гласови на небото, велејќи: „Царствата на светот Му припаднаа на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и ќе царува во сите векови.”

16. И дваесет и четирите старешини, кои седат, на своите престоли, пред Бога, паднаа на своите лица и Му се поклонија на Бога,

17. велејќи: „Ти благодариме, Господи Боже Сèмоќен, Кој си и Кој беше, и Кој иде, зашто ја зеде Својата голема сила и се зацари.

18. И народите се разгневија, и дојде Твојот гнев и времето да им се суди на мртвите, и да им се даде награда на Твоите слуги, на пророците и на светите и на оние, кои се бојат од Твоето име, мали и големи, и да ги уништиш оние, кои ја расипуваа земјата.”

19. И се отвори Божјиот храм во небото и се покажа ковчегот на Неговиот завет во Неговиот храм, и настанаа молњи и грмежи и гласови и земјотрес и голем град.

Прочитајте целосна глава Откровение 11