поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22

Стар Завет

Нов Завет

Откровение 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Откровение на Исуса Христа, што Бог Му го даде, за да им покаже на Своите слуги, што треба да стане скоро, и Тој го покажа тоа преку Својот ангел, испратен при Својот слуга Јован,

2. кој го посведочи Божјото Слово и сведоштвото на Исуса Христа, сè што виде.

3. Блажен е кој чита и блажени се кои ги слушаат зборовите на пророштвото и го пазат напишаното во него, зашто времето е близу.

4. Јован до седумте цркви во Азија: Благодат вам и мир од Оној, Кој е и Кој беше и Кој иде, и од седумте Духови, Кои се пред Неговиот престол,

5. и од Исуса Христа, Кој е верен Сведок, Првороден од мртвите и Владетел на земните цареви, Нему, Кој нè љуби и Кој нè изми од нашите гревови во Својата крв,

6. и нè направи цареви и свештеници на Бога, и на Својот Татко - Нему слава и моќ во вечни векови, амин!

7. Еве, доаѓа со облаците и ќе Го види секое око, и оние, кои Го прободоа, и сите земни племиња ќе заридаат за Него. Да, амин!

8. ”Јас Сум Алфа и Омега”, почетокот и крајот, - вели Господ Бог, Кој е и Кој беше и Кој иде - Сèмоќниот

9. Јас, Јован, ваш брат и соучесник во неволјата и во царството, и во трпението во Исуса Христа, бев на островот, наречен Патмос заради Божјото Слово и сведоштвото за Исуса.

10. Во Господов ден бев во Духот и чув, зад себе, силен глас - како од труба - кој велеше: „Јас Сум Алфа и Омега, Првиот и Последниот;”

11. ”Запиши во книга, што гледаш, и испрати им го на седумте цркви: во Ефес, и во Смирна, и во Пергам, и во Тиатир, во Сард, и во Филаделфија и во Лаодикија.”

12. И се свртив, за да го видам гласот, што зборуваше со мене. И свртувајќи се, видов седум златни светилници,

13. а среде седумте светилници, Некој, сличен на Човечкиот Син, облечен во долга облека до нозете и препашан со златен појас преку градите.

14. Неговата глава и косата беа бели како бела волна, како снег, а Неговите очи како огнен пламен;

15. Неговите нозе како бронза вжарена во печка; а Неговиот глас, како шум од многу води.

16. Во Својата десна рака држеше седум ѕвезди, и од Неговата уста излегуваше меч остар од двете страни; и Неговото лице беше како што сонцето свети во својата сила.

17. И кога Го видов паднав како мртов пред Неговите нозе; а Тој ја сложи Својата десница врз мене и ми рече: „Не бој се! Јас Сум Првиот и Последниот

18. и Живиот, и умрев, и ете, Жив Сум во сите векови. Амин! И ги имам клучевите на Подземјето и смртта.

19. И така, напиши ова што го виде: и тоа што е и она што ќе биде потоа.

20. Тајната на седумте ѕвезди, што ги виде во Мојата десница, и на седумте златни светилници: седумте ѕвезди се ангелите на седумте цркви, а седумте светилници, што ги виде, се седумте цркви.