1. И откако влезе во коработ, премина и дојде во Својот град. И ете, Му донесоа фатен, кој лежеше на постела.
2. А кога Исус ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Охрабри се, синко. Ти се простуваат твоите гревови.”
3. И ете, некои од книжниците си рекоа во себеси: „Овој богохулствува.”
4. А Исус, знаејќи ги нивните мисли, рече: „Зошто мислите зло во вашите срца?
5. Па што е полесно да се рече: ‘Ти се проштаваат гревовите’, или да се рече: ‘Стани и оди?’
6. Но, за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови, тогаш му рече на фатениот: „Стани, подигни си ја постелата и оди си дома.”
7. И стана и си отиде дома.
8. А народот, кога го виде тоа, се исплаши и Го прослави Бога, Кој им даде таква власт на луѓето.
9. А кога Исус си одеше оттаму виде еден човек, по име Матеј, како седи при митницата, и му рече: „Следи Ме!” Тој стана и Го следеше.
10. И се случи, откако седна Тој на трпезата во куќата, ете, многу цариници и грешници дојдоа и седнаа со Исуса, и со Неговите ученици.