Стар Завет

Нов Завет

Матеј 6:1-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. „Внимавајте да не ја вршите својата правда пред луѓето, за да ве видат тие; инаку немате награда од вашиот Татко, Кој е во небесата.

2. И така, кога правиш милостина, не труби пред себе, како што прават лицемерите по синагогите и по улиците, за да бидат славени од луѓето. Вистина ви велам, ја имат својата награда.

3. А ти, кога правиш милостина, нека не ти знае левицата, што ти прави десницата,

4. за да биде твојата милостина во тајност; и твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.”

5. ”И кога се молите, не бидете како лицемерите, кои сакаат да се молат стоејќи по синагогите и на аглите од улиците, за да ги видат луѓето; вистина ви велам, ја имат својата награда.

6. А ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба, затвори ја вратата и помоли Му се на твојот Татко, Кој е во тајност; и твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.”

7. ”А кога се молите, не употребувајте напразни повторувања како народите; зашто мислат дека ќе бидат послушани, заради многуте зборови.

8. И така, не бидете како нив, зашто вашиот Татко знае што ви е потребно, уште пред да Го помолите.

9. Туку молете се вака: „Татко наш, Кој си во небесата, да се свети Твоето име;

10. да дојде Твоето царство, да биде Твојата волја, како во небото, така и на земјата;

11. нашиот насушен леб, дај ни го денес;

12. и прости ни ги нашите долгови, како што и ние им ги проштаваме на нашите должници;

13. и не воведувај нè во искушение, но избави нè од лукавиот. Зашто Твое е царството, и силата, и славата, во сите векови. Амин!”

14. ”Зашто, ако вие им ги простите на луѓето нивните престапи, вашиот небесен Татко ќе ви ги прости и вам.

15. Ако вие не им ги простите на луѓето нивните престапи, ни вашиот Татко нема да ви ги прости вашите.”

16. ”А кога постите, не бидете тажни како лицемерите; зашто си ги помрачуваат лицата, за да ги видат луѓето дека постат; вистина ви велам, ја имат својата награда.

17. А ти, кога постиш, помажи ја својата глава и измиј го своето лице,

Прочитајте целосна глава Матеј 6