Стар Завет

Нов Завет

Матеј 27:19-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

19. И додека седеше на судиската столица, неговата жена испрати до него да му кажат: „Не прави Му ништо на Тој Праведник, зашто денес многу пострадав, насон, заради Него!”

20. Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби.

21. Тогаш управителот во одговор рече: „Кого од двајцата сакате да го пуштам?” А тие рекоа: „Варава!”

22. Пилат им рече: „А што да направам тогаш со Исуса, наречен Христос?” Сите рекоа: „Да биде распнат!”

23. А тој рече: „Какво зло направил?” А тие уште посилно викаа: „Да биде распнат!”

24. А Пилат штом виде дека ништо не помага, туку викотницата станува сè поголема, зеде вода и ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник! Вие гледајте!”

25. И целиот народ одговори и рече: „Неговата крв на нас и на нашите деца!”

26. Тогаш им го пушти Варава, а Исуса Го бичува и Го предаде да Го распнат.

27. Тогаш војниците на управителот Го одведоа Исуса во преторијата и ја собраа целата чета околу Него.

28. Го соблекоа и Го наметнаа со црвена наметка;

29. исплетоа трнов венец и Му го положија на главата и трска во Неговата десница; па коленичеа пред Него и Му се потсмеваа, велејќи: „Здраво, јудејски Царе!”

30. И плукаа на Него, ја зедоа трската и Го удираа по главата.

31. Откако Го исмеаја, ја соблекоа од Него црвената наметка и Го облекоа во Неговата облека и Го одведоа да Го распнат.

Прочитајте целосна глава Матеј 27