Стар Завет

Нов Завет

Матеј 23:13-28 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои го затворате Небесното царство пред луѓето; зашто самите не влегувате, ниту ги пуштате внатре оние, кои сакаат да влезат.”

14. ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги подјадувате домовите на вдовиците, и заради причина се молите долго. Затоа ќе добиете поголема осуда!”

15. ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои ги обиколувате морето и копното, за да придобиете еден прозелит, и кога ќе стане тоа, го правите син на пеколот, двапати полош од себе!”

16. ”Горко вам, слепи водачи, кои велите: ‘Ако некој се заколне во Храмот, не е ништо; ако пак се заколне во црковното злато, тогаш е обврзан!’

17. Безумни и слепи! Што е поголемо: златото или Храмот, што го осветува златото?

18. И: ‘Ако некој се заколне во жртвеникот, не е ништо; а ако се заколне во дарот, што е врз него, тогаш е обврзан.’

19. Слепци! Што е поголемо: дарот или жртвеникот, што го осветува дарот?

20. И така, кој се колне во жртвеникот, се колне во него и во сè што е врз него.

21. И кој се колне во Храмот, се колне во него и во Оној, Кој живее во него.

22. И кој се колне во небото, се колне во Божјиот престол и во Оној, Кој седи на него.”

23. ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои давате десеток од нане, копра и кимин, а го оставивте поважното во Законот: правдата, милоста и верата. Ова требаше да се прави, а она да не се остава!

24. Слепи водачи! Вие го цедите комарецот, а ја проголтувате камилата.”

25. ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои ја чистите надворешноста на чашата и чинијата, а внатре сте полни со грабеж и лакомост!

26. Слепи фарисеју! Очисти ја најнапред внатрешноста на чашата, за да и биде чиста и надворешноста!”

27. ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти приличите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистота!

28. Така и вие однадвор им се покажувате праведни на луѓето, а внатре сте полни со лицемерство и беззаконие.”

Прочитајте целосна глава Матеј 23