Стар Завет

Нов Завет

Матеј 20:9-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. И така, дојдените околу единаесеттиот час примија по денариј.

10. Кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе, но и тие примија по денариј.

11. Штом го примија, негодуваа против домаќинот,

12. велејќи: „Последниве работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, кои ги претрпевме тегобата на денот и жегата.”

13. А тој му одговори на еден од нив и рече: „Пријателе, не ти правам неправда; зар не се погоди со мене за денариј?

14. Земи го своето и оди си; а јас сакам на последниов да му дадам колку и тебе.

15. Или зар немам право да сторам со своето, што сакам? Или твоето око е зло, зашто сум добар?”

16. Така последните ќе бидат први, а првите - последни; зашто мнозина се повикани, а малкумина избрани.”

17. И кога Исус се искачуваше кон Ерусалим, ги зеде Дванаесетмината насамо и им рече патем:

18. ”Еве, одиме горе кон Ерусалим, и Човечкиот Син ќе им биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт,

19. и ќе им Го предадат на многубошците, за да Му се потсмеват, да Го бијат и да Го распнат, и на третиот ден ќе воскресне.”

20. Тогаш мајката на Заведеевите синови Му пристапи заедно со своите синови, поклонувајќи Му се, за да измоли нешто од Него.

21. А Тој и рече: „Што сакаш?” Му одговори: „Заповедај овие мои два сина да седнат, едниот до Твојата десна, а другиот до Твојата лева страна, во Твоето Царство!”

22. А Исус одговори и рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата, што ќе ја пијам Јас, или да се крстите со крштавањето со кое се крштавам Јас.” Му рекоа: „Можеме.”

Прочитајте целосна глава Матеј 20