Стар Завет

Нов Завет

Матеј 19:1-16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А кога Исус ги заврши тие зборови, отиде од Галилеја и дојде до пределите на Јудеја отаде Јордан.

2. И големо множество тргна по Него, а Тој ги оздрави таму.

3. И фарисеите Му пристапија, Го искушуваа и рекоа: „Дали смее човек да ја остави својата жена по секаква причина?”

4. А Тој одговори и рече: „Зар не сте читале дека Оној, Кој ги создаде во почеток, ги создаде машко и женско,

5. и рече: ‘Затоа мажот ќе ги остави таткото и мајката и ќе се прилепи до својата жена, и обата ќе бидат едно тело?’

6. Така што не се веќе двајца, туку едно тело. И така што Бог соединил, човекот да не разделува!”

7. И Му рекоа: „Зошто тогаш Мојсеј заповеда да и се даде разводно писмо на жената и да се остави?”

8. Им рече: „Заради вашето закоравено срце, Мојсеј ви дозволи да ги оставате вашите жени, но во почетокот не беше така.

9. Туку ви велам: „Кој ќе ја остави својата жена - освен за прељубодејство - и се ожени за друга, прави прељуба; и кој ќе се ожени со напуштена, прави прељуба.”

10. Учениците Му рекоа: „Ако е тоа причината меѓу мажот и жената, подобро да не се жени.”

11. А Тој им рече: „Сите не можат да ги сфатат тие зборови, туку оние, на кои им е дадено.

12. Зашто има скопци, кои се родени така од мајчината утроба, и има скопци, кои се скопени од луѓе, и има скопци, кои самите се скопиле заради небесното царство. Кој може да прими, нека прими!”

13. Тогаш доведоа дечиња при Него, за да ги положи рацете над нив и да се помоли; но учениците ги укорија.

14. А Исус рече: „Оставете ги децата и не им пречете да дојдат при Мене, зашто на таквите им припаѓа небесното царство.”

15. И ги положи рацете на нив, и си отиде оттаму.

16. И ете, еден Му пристапи и рече: „Учителе добар, какво добро да направам, за да имам вечен живот?”

Прочитајте целосна глава Матеј 19