Стар Завет

Нов Завет

Матеј 15:19-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

19. Зашто од срцето произлегуваат: зли мисли, убиства, прељуби, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули.

20. Тие се нештата кои го онечистуваат човекот. А јадењето со неизмиени раце не го онечистува човекот.”

21. И откако излезе оттаму, Исус се повлече во краевите на Тир и Сидон.

22. И ете, жена Хананејка, излезе од оние краишта и извика кон Него, велејќи: „Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов! Мојата ќерка е лошо опседната од демон.”

23. Но Тој не и одговори ни збор. И приближувајќи Му се, Неговите ученици Го молеа, велејќи: „Отпушти ја, зашто вика по нас.”

24. Но Тој одговори и рече: „Јас не Сум испратен, освен при загубените овци на домот Израелев.”

25. Таа дојде пак и Му се поклонуваше, велејќи: „Господи, помогни ми!”

26. А Тој, одговарајќи и рече: „Не е добро да им се земе лебот на децата и да им се фрли на кучињата.”

27. Но Таа рече: „Да, Господи, но дури и кучињата јадат од трошките, што паѓаат од трпезата на нивните господари.”

28. Тогаш Исус и одговори и и рече: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по твојата желба. И нејзината ќерка беше исцелена од оној час.

29. И откако замина оттаму, Исус дојде покрај морето Галилејско, се искачи на гората и седна таму.

30. И дојдоа при Него големи мноштва, кои имаа со себе: хроми, слепи, неми, сакати и многу други, и ги положија пред Исусовите нозе, и Тој ги исцели,

31. така што мноштвата се восхитуваа како гледаа немите да зборуваат, сакатите здрави, хромите да одат и слепите да гледаат; и Го прославуваа Бога Израелев.

32. А Исус ги повика Своите ученици при Себе, и рече: „Исполнет Сум со сожалување кон мноштвото, зашто веќе три дни останаа со Мене и немаат што да јадат; а не сакам да ги распуштам гладни, за да не премалеат по патот.”

33. И учениците Негови Му рекоа: „Откаде ни во пустината толку леб, за да наситиме толку големо мноштво?”

Прочитајте целосна глава Матеј 15