Стар Завет

Нов Завет

Матеј 12:31-50 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

31. Затоа ви велам: секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Духот нема да се прости.

32. И ако некој рече збор против Синот Човечки, ќе му се прости; но ако некој рече против Светиот Дух, нема да му се прости ниту во овој век, ниту во идниот.

33. Или направете го дрвото добро, и неговиот плод добар; или направете го дрвото расипано, и неговиот плод расипан; зашто дрвото се познава по плодот.

34. Породи змиини! Како можете да зборувате добро, кога сте зли? Зашто од преполнувањето на срцето зборува устата.

35. Добриот човек од доброто сокровиште донесува добри нешта; а злиот човек од злото сокровиште донесува зли нешта.

36. И ви велам, дека за секој празен збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден;

37. зашто по твоите зборови ќе бидеш оправдан, и по твоите зборови ќе бидеш осуден.

38. Тогаш некои од книжниците и фарисеите Му одговорија, велејќи: „Учителе, сакаме да видиме знак од Тебе.”

39. А Тој им одговори и рече: „Зло и прељуботворно поколение бара знак, и нема да му се даде знак, освен знакот на Јона пророкот.

40. Зашто, како што Јона беше во утробата на големата риба три дни и три ноќи, така и Синот Човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи.”

41. ”Ниневијските мажи ќе станат на суд со ова поколение и ќе го осудат, зашто се покајаа од проповедта на Јона; а еве, тука е Поголем од Јона.

42. Царицата на југот ќе се крене на суд со ова поколение и ќе го осуди; зашто дојде од краиштата на земјата, за да ја чуе мудроста на Соломон; а еве, тука е Поголем од Соломона.”

43. Кога нечистиот дух излегува од човек, минува низ безводни места барајќи одмор, и не го наоѓа.

44. Тогаш вели: ‘Ќе се вратам во својата куќа, од каде излегов.’ И кога дојде, ја најде празна, изметена и уредена.

45. Тогаш оди и зема со себе седум други духови, полоши од себе; и влегуваат и живеат таму; и последната состојба на оној човек станува полоша од првата, така ќе му биде и на ова зло поколение.”

46. Додека Тој уште им зборуваше на мноштвата, ете, мајка Му и браќата Негови стоеја надвор и сакаа да Му зборуваат.

47. И некој Му рече: „Еве, мајка Ти и Твоите браќа стојат надвор и сакаат да Ти зборуваат.”

48. А Тој во одговор му рече на оној, кој му кажа: „Која е Мојата мајка, и кои се Моите браќа?”

49. И ја протегна Својата рака кон Своите ученици и рече: „Еве ја Мојата мајка и Моите браќа;

50. зашто, кој ја врши волјата на Мојот Татко, Кој е во небесата, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.”

Прочитајте целосна глава Матеј 12