3. Не е ли овој дрводелец, Синот на Марија, и брат Јаковов, и Јосиин, и Јудин и Симонов? И не се ли Неговите сестри тука меѓу нас?” И се соблазнија во Него.
4. А Исус им рече: „Пророк не е без чест, освен во својот роден крај, и меѓу своите роднини и во својата куќа.”
5. И не можеше таму да направи никакво чудо, освен што исцели малку болни, полагајќи ги рацете врз нив.
6. И се чудеше на нивното неверие. И обиколуваше по околните села и поучуваше.
7. И ги повика Дванаесетмината; почна да ги праќа по двајца, и им даде власт над нечистите духови.
8. И им заповеда да не носат ништо за по пат освен еден стап: ни леб, ни торба, ни пари во појасот,
9. туку да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки.
10. И им рече: „Каде и да влезете во куќа, останете таму, додека не излезете оттаму.
11. А ако не ве примат и не ве послушаат, излезете оттаму и истресете го правот од своите нозе, ним за сведоштво!”
12. И излегоа и проповедаа дека луѓето треба да се покајат.
13. И изгонуваа многу демони, и многу болни помазуваа со масло и ги оздравуваа.
14. И царот Ирод чу, зашто Неговото име беше прочуено, и зборуваше: „Јован Крстител стана од мртвите и затоа дејствуваат силите во него!”