1. И кога по неколку дена пак дојде во Капернаум; се чу дека е во куќа.
2. И се собраа мнозина, така што немаше веќе место пред вратата; и им го проповедаше Словото.
3. И дојдоа при Него носејќи фатен, кого го носеа четворица.
4. И како не можеа да го донесат до Него, заради народот, го открија покривот над местото каде што беше, и го пробија и ја спуштија постелата, на која лежеше фатениот.
5. А Исус, кога ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Синко, ти се опростуваат гревовите.”
6. А некои од книжниците седеа таму и размислуваа во своите срца:
7. ”Што зборува Овој вака? Тој хули! Кој може да опростува гревови, освен Еден Бог?”
8. И Исус веднаш штом созна со Својот дух дека тие размислуваат така во себе, им рече: „Зошто размислувате така во своите срца?
9. Што е полесно да му се рече на фатениот: ‘Ти се опростуваат гревовите,’ или да му се рече: ‘Стани и земи ја својата постела, и оди!’
10. Но за да знаете дека Човечкиот Син има власт да ги опростува гревовите на земјата, му рече на фатениот:
11. ”Тебе ти зборувам - стани, подигни ја својата постела и оди си дома!”
12. И стана, веднаш ја подигна постелата, и излезе пред сите, така што сите се восхитуваа и Го славеа Бога, велејќи: „Такво нешто уште никогаш не видовме!”
13. И излезе пак покрај морето; и целото множество доаѓаше при Него, и го поучуваше.
14. И минувајќи, го виде Левија Алфеев, како седи во царинарницата, и му рече: „Врви по Мене!” И тој стана и тргна по Него.
15. И кога прилегна покрај трпезата во неговата куќа, многу цариници и грешници беа покрај трпезата, со Исуса и со Неговите ученици, зашто ги имаше мнозина, и врвеа по Него.
16. А кога книжниците и фарисеите Го видоа како јаде со грешниците и цариниците, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто јаде и пие заедно со цариниците и грешниците?”
17. А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните. Не дојдов да ги викам праведните - туку грешниците на покајание.”