Стар Завет

Нов Завет

Марко 12:32-44 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

32. И книжникот Му рече: „Добро, Учителе, кажа според вистината дека Бог е Еден, и нема друг освен Него,

33. и да Го љубиш Него со сето срце, и со сиот разум, и со сета сила; и да го љубиш ближниот како себеси, тоа е многу повеќе од сите паленици и жртви.”

34. А Исус кога виде дека одговори разумно - му рече: „ Не си далеку од Божјото Царство.” И никој повеќе не се осмели да Го праша.

35. И проговори Исус и зборуваше, поучувајќи во Храмот: „Како зборуваат книжниците дека Христос е Син Давидов?

36. Самиот Давид рече преку Светиот Дух: „Му рече Господ на мојот Господ: „Седи оддесно Мене, додека не ги положам Твоите непријатели за подножје на Твоите нозе.”

37. Самиот Давид Го наречува ‘Господ’ - како може тогаш да му биде син?” И големо множество Го слушаше со задоволство.

38. И во Својата поука, рече: „Чувајте се од книжниците, кои сакаат: да одат во долги облеки; и поздрави по трговиштата;

39. и први седишта во синагогите, и челни места на гозбите.

40. Кои ги изедуваат домовите на вдовиците; и преправајќи се, се молат долго - тие ќе бидат судени построго!”

41. И седна спроти ковчежето за прилози и гледаше како народот пушта пари во ковчежето; и мнозина богати пуштаа многу.

42. И дојде една бедна вдовица и пушти внатре две лепти, односно еден кодрант.

43. Тогаш ги повика Своите ученици и им рече: „Вистина ви велам, дека беднава вдовица даде повеќе од сите, кои пуштаа во ковчежето.

44. Зашто сите пуштија од својот вишок, а таа од својата немаштина - пушти сè што имаше: целиот свој имот.”

Прочитајте целосна глава Марко 12