39. Ете, духот го фаќа и тој вика одеднаш, и го растргува така, што фрла пена и сотрувајќи го, одвај си оди од него.
40. И ги помолив Твоите ученици, за да го истераат, но не можеа.”
41. Исус пак одговори и рече: „О, роде неверен и расипан, до кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го твојот син тука!”
42. И додека му приоѓаше бесот го фрли на земја и почна да го крши; но Исус го прекори на нечистиот дух и го оздрави детето и му го предаде на татко му.
43. И сите се чудеа на Божјото величие. И додека сите се восхитуваа на сè она што направи, Тој им рече на Своите ученици:
44. ”Сложете ги овие зборови во своите уши: „Човечкиот Син ќе биде предаден во човечки раце!”
45. Но тие не го разбраа тој збор, зашто беше сокриен од нив, за да не го разберат, а се плашеа да го прашаат за овој збор.
46. И им дојде мисла - кој од нив ќе биде поголем?
47. А Исус, знаејќи ја мислата на нивните срца, зеде едно дете и го постави покрај Себеси,
48. и им рече: „Кој го прима ова дете, во Мое име - Мене Ме прима. А кој Ме прима Мене, Го прима Оној, Кој Ме пратил; зашто, кој е најмал меѓу сите вас, тој е голем.”
49. А Јован проговори и рече: „Учителе, видовме еден, кој истерува нечисти духови во Твое име, и му забранивме, зашто не оди со нас.”
50. Исус пак му рече: „Не бранете му - зашто, кој не е против вас - за вас е.”
51. А кога дојде време да се вознесе, Тој го насочи Своето лице да патува за Ерусалим;
52. и испрати гласници пред Своето лице. Тие отидоа и дојдоа во едно самарјанско село - да приготват место за Него.
53. Но не Го примија, зашто лицето Му беше кон Ерусалим.
54. Кога го видоа тоа учениците, Јаков и Јован рекоа: „Господи, сакаш ли да заповедаме да слезе оган од небото и да ги истреби, како што направи и Илија?”
55. А Тој се заврте и ги укори, велејќи: „Вие не знаете од каков дух сте;
56. зашто Човечкиот Син не дојде да погубува човечки души, но да ги спаси.” И отидоа во друго село.
57. И додека одеа по патот, еден му рече: „Ќе Те следам каде и да одиш.”
58. Исус пак му рече: „Лисиците имаат легла и небесните птици - гнезда, а Човечкиот Син нема каде да ја потпре главата.”