38. А Тој им рече: „Зошто сте збунети? И зошто се јавуваат сомненија во вашите срца?
39. Погледајте ги Моите раце и Моите нозе - Јас Сум Истиот! Допрете Ме и видете, зашто духот нема месо и коски, а како што гледате Јас имам.”
40. И кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете.
41. А бидејќи тие од радост уште не веруваа, туку се чудеа, им рече: „Имате ли тука нешто за јадење?”
42. И Му дадоа парче печена риба и мед со саќе.
43. Тој го зеде и јадеше пред нив.
44. И им рече: „Тоа се зборовите што ви ги зборував додека уште бев со вас, дека треба да се исполни сè што е напишано за Мене во Мојсеевиот Закон, во Пророците и во Псалмите.”
45. Тогаш им го отвори умот, за да ги разберат Писмата,
46. и им рече: „Така е напишано дека Христос треба да пострада и да воскресне од мртвите во третиот ден,
47. и да биде проповедано во Негово име покајание и прошка на гревовите на сите народи - почнувајќи од Ерусалим.
48. Вие сте сведоци на тоа;
49. а еве, Јас ќе го испратам на вас ветувањето на Мојот Татко; а вие останете во градот, додека не се облечете во сила одозгора!”
50. И ги изведе до Витанија; ги подигна Своите раце и ги благослови.