Стар Завет

Нов Завет

Лука 23:13-26 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. А Пилат ги свика свештеничките главатари, началниците и народот, и им рече:

14. ”Ми Го доведовте Овој Човек како Тој да го бунтува народот; а, еве, јас Го испитав пред вас и не најдов во Овој Човек никаква вина, за која Го обвинувате.

15. А ни Ирод, зашто Го прати назад при нас. И Овој не направил ништо, што заслужува смрт.

16. Затоа, ќе Го казнам и ќе Го ослободам.”

17. А требаше да им ослободи еден затвореник на празникот.

18. Но тие сите извикаа едногласно: „Земи Го Овој, а пушти ни го Варава!”

19. Кој беше фрлен во темница, заради некаква буна во градот и заради убиство.

20. А Пилат им се обрати пак, сакајќи да Го ослободи Исуса;

21. но тие викаа, велејќи: „Распни Го! Распни!”

22. А тој им рече по третпат: „Та какво зло направил? Јас не најдов во Него ништо, што заслужува смрт. Затоа ќе Го ослободам, откако ќе Го казнам.”

23. Но тие навалуваа со голема викотница и бараа да биде распнат; а викањето на нив и на свештеничките главатари беше сè посилно.

24. Тогаш Пилат одлучи да го исполни нивното барање.

25. И им го пушти оној, кого го бараа, а кој беше фрлен во темница заради бунт и убиство; а Исуса им Го предаде на нивна волја.

26. И кога Го поведоа, го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од поле, па врз него го ставија крстот, за да го носи по Исуса.

Прочитајте целосна глава Лука 23