Стар Завет

Нов Завет

Лука 2:15-32 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. А кога ангелите си отидоа од нив во небото, пастирите си зборуваа еден на друг: „Тогаш, да отидеме до Витлеем и да видиме што се случило таму, за кое ни соопшти Господ!”

16. И брзајќи дојдоа и ги најдоа: Марија и Јосифа, и Детенцето како лежи во јаслите.

17. А штом видоа, кажаа сè што им беше речено за Детенцето.

18. И сите кои чуја, се восхитуваа на она, што пастирите им го рекоа.

19. А Марија ги помнеше сите овие зборови и размислуваше за нив во своето срце.

20. И пастирите се вратија, славејќи Го и фалејќи Го Бога, за сè што чуја и видоа, онака како што им беше речено.

21. И кога навршија осум дена, за Неговото обрезание, Му го дадоа името Исус, како што Го нарече ангелот, пред да биде зачнат во утробата.

22. И кога се навршија деновите на нејзиното очистување, според Мојсеевиот Закон, Го донесоа во Ерусалим, за да Го претстават пред Господа,

23. како што е напишано во Господовиот Закон: „Секое машко, кое се раѓа прво, да Му биде посветено на Господа!”,

24. и да принесат жртва, како што е речено во Господовиот Закон - две грлици или две гулапчиња.

25. И ете, во Ерусалим живееше човек по име Симеон, и тоа човек праведен и благочестив, кој ја чекаше Израелевата утеха; и Светиот Дух беше над него.

26. Нему Светиот Дух му прорече дека нема да види смрт, додека не Го види Христа Господов.

27. И вдахновен од Светиот Дух дојде во Храмот; и кога родителите Го внесоа Детенцето Исус, за да го извршат врз Него обичајот на Законот,

28. Го зеде на своите раце, Го благослови Бога и рече:

29. ”Сега, Господару, отпушти го Својот служител со мир, според Твојот збор,

30. зашто моите очи го видоа Твоето спасение,

31. кое го приготви пред лицето на сите луѓе,

32. светлина за осветлување на народите и слава на Твојот народ Израел.”

Прочитајте целосна глава Лука 2