44. Зашто, ете, кога гласот на твојот поздрав дојде до моите уши, младенецот заигра од радост во мојата утроба.
45. И блажена е таа, која поверува дека ќе се исполни она, што Господ и го рекол.”
46. И Марија рече: „Мојата душа Го велича Господа!
47. И мојот дух се зарадува во Бога, мојот Спасител,
48. зашто ја погледна смиреноста на Својата слугинка. И ете! Отсега сите родови ќе ме наречуваат блажена,
49. зашто Силниот изврши големи дела за мене и Неговото име е свето,
50. и Неговата милост од род до род, за оние, кои се бојат од Него.
51. Со Својата рака направи силни дела: ги распрсна горделивите во мислите на нивните срца,
52. ги симна владетелите од престолите, а ги воздигна смирените,
53. гладните ги насити со блага, а богатите ги отпушти празни;
54. го прифати Израел, Својот слуга, да си спомни на милоста,
55. како што им рече на нашите татковци - на Авраама и на неговото Семе, довека.”
56. А Марија остана со неа околу три месеци; и се врати во својот дом.
57. А на Елисавета и дојде време да роди, и роди син.
58. И кога нејзините соседи и роднини чуја дека Господ и укажа голема милост, се радуваа со неа.
59. А на осмиот ден дојдоа да го обрежат детето, и го наречуваа Захарија, по името на татка му.
60. Но неговата мајка рече: „Не, туку ќе се нарече Јован!”