19. Ангелот одговори и му рече: „Јас сум Гавриел, кој стои пред Бога и испратен сум да зборувам со тебе и да ти ја известам оваа радосна вест.
20. И ете, ќе онемиш и не ќе можеш да зборуваш до денот, кога ќе се збидне ова; зашто не им поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време.”
21. А луѓето го чекаа Захарија и се чудеа зошто толку долго се задржа во Храмот.
22. А кога излезе, не можеше да им зборува и тие разбраа дека видел видение во Храмот. И тој им даваше знаци и остана нем.
23. И кога се свршија деновите на неговата служба, се врати во својот дом.
24. А по тие дни, неговата жена Елисавета зачна и се криеше пет месеци и велеше:
25. ”Ова ми стори Господ во деновите кога погледна на мене, за да го отстрани мојот срам меѓу луѓето.”
26. А во шестиот месец, Бог го испрати ангелот Гавриел во галилејскиот град, по име Назарет,
27. при девица свршена за маж, по име Јосиф, од Давидовиот дом. А името на девицата беше Марија.
28. И кога ангелот дојде при неа и рече: „Радувај се благодатна! Господ е со тебе, благословена си ти меѓу жените!”
29. Таа се уплаши од тој збор и размислуваше: каков поздрав ќе биде тоа?
30. Тогаш ангелот и рече: „Не бој се Марија, зашто си нашла милост пред Бога.
31. И ете, ќе зачнеш и ќе родиш Син, и ќе Му го дадеш името Исус.
32. Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Сèвишниот. И Господ Бог ќе Му го даде престолот на Неговиот татко Давид.
33. И ќе царува над Јакововиот дом довека, и Неговото Царство не ќе има крај.”
34. А Марија му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа, кога не знам за маж?”
35. Ангелот одговори и и рече: „Светиот Дух ќе дојде на тебе и силата на Сèвишниот ќе те осени; затоа Светото кое ќе биде родено од тебе - ќе се нарече Божји Син.
36. И ете твојата роднина Елисавета, и таа зачна син во својата старост. И тоа е веќе шестиот месец за неа, која ја наречуваат неплодна.