3. Возљубени кога покажав секаква ревност да ви пишувам за нашето заедничко спасение, почувствував потреба да ви пишам, опоменувајќи ве да се борите усрдно за верата, која им е предадена на светите еднаш за секогаш.
4. Зашто, се вовлекоа некои луѓе, кои се одамна однапред определени за оваа осуда: безбожници, кои благодатта на нашиот Бог ја заменуваат во распуштеност и Го одречуваат единствениот Владетел, Бог, и нашиот Господ Исус Христос.
5. А сакам да ви напомнам, иако вие знаете сè еднаш за секогаш, дека Господ првин го избави народот од Египетската земја; потоа ги погуби оние, кои не поверуваа,
6. па и ангелите, кои не го запазија своето прво место, туку го оставија своето живеалиште, ги запази во вечни окови под мрак за судот на великиот Ден;
7. како што Содом и Гомор и нивните околни градови, кои на ист начин како и овие се предадоа на блудство и одеа по други тела, стојат како пример, трпејќи ја казната на вечниот оган.
8. Па сепак овие сонувачи на ист начин го осквернуваат своето тело, го презираат господството и хулат на славите.
9. А Архангелот Михаил, кога се расправаше и препираше со ѓаволот за Мојсеевото тело, не се осмели да изрече хулна пресуда, туку рече: „Господ да те искара!”
10. А овие пак хулат на она, што не го знаат; а она што го знаат по природа како неразумните животни, во тоа пропаѓаат.
11. Тешко ним, зашто тргнаа по Каиновиот пат, и за печалба паднаа во Валаамовата заблуда и загинаа во Кореевата буна.
12. Тие се подводни скали на вашите трпези на љубовта, кои се гостат со вас без страв, пасејќи се себеси; безводни облаци носени од ветровите, есенски неплодни дрва, двапати умрени и откорнати;
13. бесни морски бранови, што се пенат со своите срамоти; ѕвезди скитнички, за кои се чува мрачна темнина довека.
14. А и за овие пророкуваше Енох, седмиот по Адама, велејќи: „Ете, Господ дојде со десет илјадници Свои свети,
15. за да им суди на сите и за да ги изобличи сите безбожници, за сите нивни безбожни дела, што безбожно ги направиле, и за сите навредливи зборови, што безбожните грешници ги изговориле против Него.”