Стар Завет

Нов Завет

Јован 4:43-54 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

43. По два дена тргна оттаму за Галилеја.

44. Зашто Самиот Исус изјави дека пророкот нема чест во својата родина.

45. И така, кога дојде во Галилеја, Галилејците Го примија, зашто беа виделе сè што стори во Ерусалим на празникот, бидејќи и самите дојдоа на празникот.

46. И пак дојде во Кана Галилејска, каде ја претвори водата во вино. А имаше еден царски службеник, чиј син беше болен во Капернаум.

47. Тој, штом чу дека Исус дојде од Јудеја во Галилеја, отиде при Него и Го замоли да слезе и да му го исцели синот, зашто беше на умирање.

48. Тогаш Исус му рече: „Ако не видите знаци и чудеса, нема да поверувате.”

49. Царскиот службеник Му рече: „Господине, слези пред да ми умре детето!”

50. Исус му рече: „Оди си, твојот син е жив!” Човекот му поверува на зборот, што му го кажа Исус и си замина.

51. И додека уште слегуваше, неговите слуги го пресретнаа и му соопштија дека син му е жив.

52. А тој ги праша за часот во кој му станало полесно. Тие му одговорија: „Вчера, во седмиот час, го остави треската.”

53. Тогаш таткото разбра дека тоа се случило во часот кога Исус му рече: „Твојот син е жив!” И поверува тој и целиот негов дом.

54. Ова пак второ чудо го направи Исус, кога дојде од Јудеја во Галилеја.

Прочитајте целосна глава Јован 4