Стар Завет

Нов Завет

Јован 21:15-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. Откако завршија со појадокот, Исус му рече на Симона Петра: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме повеќе отколку овие?” тој Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.” Му рече: „Паси ги Моите јагниња!”

16. Му рече пак, по вторпат: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме?” Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.” Му рече: „Води ги Моите овци на пасење!”

17. Му рече по третпат: „Симоне Јонин, Ме сакаш ли?” Петар се нажали дека по третпат го праша: „Ме сакаш ли?” И Му рече: „Господи, Ти знаеш сè, Ти знаеш дека Те сакам.” Исус му рече: „Паси ги Моите овци!”

18. Вистина, вистина ти велам: кога беше помлад, се опашуваше сам и одеше каде што сакаше; но, кога ќе остариш, ќе ги рашириш твоите раце, и друг ќе те опашува и ќе те води каде што нејќеш.

19. А ова го рече, навестувајќи со каква смрт ќе Го прослави Бога. Откако го кажа тоа, му рече: „Врви по Мене!”

20. А Петар кога се заврти, и виде дека по нив иде ученикот, кого Исус го љубеше, кој на вечерата се потпре врз Исусовите гради и рече: „Господи, кој ќе Те предаде?”

21. Штом Петар го виде, Му рече на Исуса: „Господи, а овој што?”

22. Исус му рече: „Ако сакам тој да остане додека не дојдам, што ти е тебе? Ти следи Ме!”

23. Така се разнесе зборот, меѓу браќата, дека оној ученик, нема да умре. А Исус не му рече, дека нема да умре, туку: „Ако сакам тој да остане додека не дојдам, што ти е тебе?”

24. Овој е ученикот, кој сведочи за ова и кој го напиша ова; и знаеме дека неговото сведоштво е вистинско.

25. А има и многу други работи, што ги направи Исус, но ако се запишуваше едно по едно - мислам дека напишаните книги не би можеле да бидат сместени во целиот свет. Амин!

Прочитајте целосна глава Јован 21