Стар Завет

Нов Завет

Јован 21:11-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. Тогаш Симон Петар влезе во коработ и извлече на брегот мрежа полна со големи риби - сто и педесет и три. Иако беа толку многу, мрежата не се скина.

12. Исус им рече: „Дојдете и јадете!” Но ниеден од учениците не се осмели да Го праша: „Кој си Ти?”- зашто знаеја дека е Господ.

13. Исус дојде, зеде леб и им даде; и риба исто така.

14. Тоа веќе беше трет пат како Исус им се јави на учениците, откако воскресна од мртвите.

15. Откако завршија со појадокот, Исус му рече на Симона Петра: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме повеќе отколку овие?” тој Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.” Му рече: „Паси ги Моите јагниња!”

16. Му рече пак, по вторпат: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме?” Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.” Му рече: „Води ги Моите овци на пасење!”

17. Му рече по третпат: „Симоне Јонин, Ме сакаш ли?” Петар се нажали дека по третпат го праша: „Ме сакаш ли?” И Му рече: „Господи, Ти знаеш сè, Ти знаеш дека Те сакам.” Исус му рече: „Паси ги Моите овци!”

18. Вистина, вистина ти велам: кога беше помлад, се опашуваше сам и одеше каде што сакаше; но, кога ќе остариш, ќе ги рашириш твоите раце, и друг ќе те опашува и ќе те води каде што нејќеш.

19. А ова го рече, навестувајќи со каква смрт ќе Го прослави Бога. Откако го кажа тоа, му рече: „Врви по Мене!”

20. А Петар кога се заврти, и виде дека по нив иде ученикот, кого Исус го љубеше, кој на вечерата се потпре врз Исусовите гради и рече: „Господи, кој ќе Те предаде?”

21. Штом Петар го виде, Му рече на Исуса: „Господи, а овој што?”

22. Исус му рече: „Ако сакам тој да остане додека не дојдам, што ти е тебе? Ти следи Ме!”

23. Така се разнесе зборот, меѓу браќата, дека оној ученик, нема да умре. А Исус не му рече, дека нема да умре, туку: „Ако сакам тој да остане додека не дојдам, што ти е тебе?”

Прочитајте целосна глава Јован 21