Стар Завет

Нов Завет

Јован 1:7-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. Тој дојде за сведоштво, за да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него.

8. Тој не беше светлина, туку да сведочи за Светлината.

9. Вистинската Светлина, Која го осветлува секој човек, доаѓаше во светот.

10. Беше во светот, и светот стана преку Него, но светот не Го позна.

11. Дојде при Своите, но Неговите не Го примија.

12. А на сите кои Го примија, им даде власт да станат Божји деца, на оние кои веруваат во Неговото име:

13. кои не се родија ниту од крв, ниту од телесна похот, ни од волја на маж, туку од Бога.

14. И Словото стана тело и се настани меѓу нас и ја видовме Неговата слава, славата што ја има како Единороден од Таткото - полн со благодат и вистина.

15. Јован сведочи за Него и вика: „Еве Го Оној, за Кого реков: Оној, Кој доаѓа после мене, пред мене е, зашто беше пред мене!”

16. И, сите ние примивме од Неговата полнота: благодат врз благодат.

17. Зашто, Законот беше даден преку Мојсеја, а преку Исуса Христа дојдоа благодатта и вистината.

18. Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот СинБог, Кој е во прегратката на Таткото, Тој Го објави.”

19. А ова е Јовановото сведоштво, кога Јудејците од Ерусалим му испратија свештеници и левити, за да го прашаат: „Кој си ти?”

20. И призна и не одрече, та исповеда: „Јас не сум Христос.”

21. И го прашаа: „Тогаш што! Илија ли си?” „Не сум,” одговори. „Да не си пророк?” „Не,” одговори.

22. Тогаш му рекоа: „Кој си? за да можеме да им одговориме на оние, кои нè испратија! Што велиш ти за себеси?”

23. Рече: „Јас сум глас на оној, кој вика во пустината: израмнете го Господовиот пат,” како што рече пророкот Исаија.”

24. Испратените беа фарисеи.

25. Тие го прашаа и му рекоа: „Тогаш зошто крштаваш, кога не си Христос, ниту Илија, ни пророк?”

Прочитајте целосна глава Јован 1