12. Така зборувајте и така постапувајте како луѓе, кои ќе бидат судени по законот на слободата.
13. Зашто судот нема милост кон оној, кој не покажувал милост. Милоста слави победа над судот.
14. Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли верата да го спаси?
15. Ако некој брат или сестра се голи и без секојдневната храна,
16. па некој од вас им рече: „Одете си во мир, стоплете се и наситете се!” а не им даде она, што им е потребно за телото, каква е ползата?
17. Така и верата: ако нема дела, мртва е сама по себе.
18. Но ако некој рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја својата вера без дела, а јас ќе ти ја покажам верата од моите дела.
19. Ти веруваш дека има само еден Бог. Добро правиш; и бесовите веруваат и треперат.
20. Сакаш ли пак да сознаеш, суетни човеку, дека верата без дела е мртва?
21. Нашиот татко Авраам не беше ли оправдан од делата, кога го принесе на жртвеникот својот син Исак?
22. Гледаш дека верата соработуваше со неговите дела, и дека верата преку делата стигна до совршенството.
23. И така се исполни Писмото, кое вели: „Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се засмета за правда, и се нарече Божји пријател.”
24. Гледате дека човекот се оправдува преку дела, а не само преку вера.
25. Исто така и блудницата Раав не се оправда ли преку дела, кога ги прими согледувачите и кога ги испрати по друг пат?
26. Имено, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва.