Стар Завет

Нов Завет

Јаков 2:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Браќа мои, имајте вера во нашиот славен Господ Исус Христос, не гледајќи кој е кој!

2. Зашто ако на вашето собрание дојде човек со златен прстен и со светла облека, а влезе и сиромав во бедна облека,

3. па погледате во оној, во светлата облека, и му речете: „Ти седни тука убаво!” а на сиромашниот му речете: „Ти стој таму!” или „Седни до моето подножје.”

4. Не правите ли разлики помеѓу себе и така станавте судии со лоши помисли?”

5. Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог оние, кои се сиромаси пред светот, за да бидат богати во вера и наследници на Царството, кое им го ветил на оние, кои Го љубат?

6. А вие го презревте сиромавиот! Не се ли богатите тие, кои ве угнетуваат и ве влечат по судилиштата?

7. Не го хулат ли тие доброто име со кое сте наречени?

8. Ако пак го исполнувате царскиот закон според Писмото: „Љуби го својот ближен како самиот себе!”- добро правите.

9. Но ако гледате на лице, правите грев, и законот ве осудува како престапници.

10. Зашто кој го пази целиот закон, а се сопне само во едно, станува виновен за сè.

11. Зашто Оној Кој рекол: „Не прави прељуба!” рекол и: „Не убивај!” Ако не направиш прељуба, а убиеш, стануваш престапник на законот.

12. Така зборувајте и така постапувајте како луѓе, кои ќе бидат судени по законот на слободата.

13. Зашто судот нема милост кон оној, кој не покажувал милост. Милоста слави победа над судот.

14. Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли верата да го спаси?

Прочитајте целосна глава Јаков 2