Стар Завет

Нов Завет

Филипќаните 4:10-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

10. Се зарадував многу во Господа, зашто сега најпосле ја оживеавте својата грижа за мене. Вие и инаку се грижевте, но немавте прилика.

11. Не го зборувам тоа заради скудност, зашто научив да бидам задоволен со она во што сум.

12. Знам да живеам и во скудност, знам и во изобилство, научен сум на сè и во сешто: да бидам сит и да гладувам; да сум во изобилство и во скудност.

13. Сè можам преку Христа, Кој ми дава сила.

14. Туку добро направивте, што зедовте учество во моите неволји.

15. А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на проповедањето на Евангелието, кога заминав од Македонија, ниедна црква не беше со мене во давање и примање, освен единствено вие.

16. Вие ми испративте во Солун, еднаш и двапати, за моја потреба.

17. Не како да барам подарок, туку го барам плодот што се умножува на ваша сметка.

18. Примив сè и имам сè во изобилство. Полн сум откако примив од Епафродит што ми испративте - благопријатен мирис, жртва пријатна благоугодна на Бога.

19. А мојот Бог ќе ја исполни славно секоја ваша потреба, според Своето богатство - во Христа Исуса.

20. А на нашиот Бог, и Татко, слава во сите векови Амин!

21. Поздравете го секој верник во Христа Исуса! Ве поздравуваат браќата, кои се со мене.

22. Ве поздравуваат сите свети, а особено оние од Ќесаревиот дом.

23. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со вашиот дух Амин!

Прочитајте целосна глава Филипќаните 4