Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 8:15-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. кои слегоа и се помолија за нив, за да Го примат Светиот Дух,

16. зашто уште ни на еден од нив не беше слегол, а само беа крстени во името на Господа Исуса.

17. Тогаш ги положија рацете на нив и тие Го примија Светиот Дух.

18. А кога Симон виде дека Светиот Дух се дава со полагање на апостолските раце, им понуди сребреници,

19. велејќи: „Дајте ми ја мене таа власт, на кого ќе ги положам рацете, да Го прими Светиот Дух!”

20. Но Петар му рече: „Нека одат во пропаст твоите сребреници заедно со тебе, зашто си помислил да го добиеш Божјиот дар со сребреници!

21. Нема за тебе ни дел ни учество во оваа работа, зашто твоето срце не е право пред Бога.

22. Затоа, покај се од оваа твоја нечесност и моли Го Господа да ти ја прости помислата на твоето срце.

23. Зашто гледам дека си во горчлива жолчка и во оковите на неправдата.

24. А Симон во одговор рече: „Молете Му се вие на Господа за мене, за да не ме најде ништо од она што рековте!”

25. Тие пак, откако посведочија и го кажаа Господовото слово, се вратија во Ерусалим, проповедувајќи им го Евангелието на многу самариски села.

26. И Господов ангел му рече на Филипа: „Стани и оди кон југ, по патот што се спушта од Ерусалим кон Газа, и тој е пуст.

27. Тој стана и отиде. И ете, маж Етиопец - скопеник, дворјанин на етиопската царица Кандакија, кој беше одговорен над целата и ризница, а беше дошол во Ерусалим да се поклони,

28. и на враќање, седеше во својата кола и го читаше пророкот Исаија.

29. А Духот му рече на Филипа: „Приближи се и придружувај ја колата!”

30. Кога Филип притрча и чу дека оној го чита пророкот Исаија, и рече: „Го разбираш ли тоа, што го читаш?”

31. Тој пак рече: „Како би можел да разберам, ако некој не ме упати!” И го повика Филипа да се качи и да седне со него.

32. А местото од Писмото, што го читаше, беше ова: „Беше одведен како овца на колење; и како што јагнето е немо пред оној, кој го стриже, така не ја отвори Својата уста.

33. Во Неговото понижување Му беше укинат судот. Кој ќе го изброи Неговото поколение? зашто Неговиот живот се зема од земјата.”

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 8