5. „Затоа - рече тој - влијателните меѓу вас нека слезат со мене; и ако е виновен во нешто тој човек, нека го обвинат.”
6. Откако слезе во Ќесарија, се задржа меѓу нив осум или десет дена, и веќе утреден седна во судот и заповеда да го доведат Павла.
7. А кога тој дојде, го опкружија Јудејците, кои дојдоа од Ерусалим, и изнесоа против него многу тешки обвиненија, кои не можеа да ги докажат;
8. а Павле во своја одбрана велеше: „Со ништо не се огрешив ни против јудејскиот закон, ни против Храмот, ни против ќесарот.”
9. Но Фест, сакајќи да им угоди на Јудејците, му одговори на Павла и рече: „Сакаш ли да отидеш горе, во Ерусалим, и да ти се суди таму за ова, пред мене?”
10. А Павле рече: „Стојам пред ќесаревиот суд - каде треба да бидам суден. На Јудејците не им сторив никаква неправда, што и ти знаеш многу добро.
11. Ако сум пак виновен, или ако направив нешто што заслужува смрт; не бегам од смртта. Но, ако нема ништо од она за што овие ме обвинуваат, никој не може да ме предаде на нив, за да им угоди. Се повикувам на ќесарот.”