Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 23:11-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. Идната ноќ Господ застана пред него и му рече: „Не бој се, Павле! Секако, како што сведочеше за Мене во Ерусалим, така треба да сведочиш и во Рим.”

12. И кога се раздени Јудејците се собраа и се заколнаа, дека не ќе јадат ниту ќе пијат додека не го убијат Павла.

13. Беа повеќе од четириесет, кои ја дадоа таа заклетва.

14. Тие дојдоа при првосвештениците и старешините и им рекоа: „Се заколнавме со заклетва, дека нема да вкусиме ништо додека не го убиеме Павла.

15. Затоа вие, сега, заедно со Синедрионот, поднесете му барање на заповедникот да го доведе долу при вас, како да сакате поточно да го испитате неговото дело; а ние сме готови да го убиеме пред да се приближи.”

16. Но синот на Павловата сестра чу за заседата, дојде и влезе во тврдината и му јави на Павла.

17. А Павле повика еден од стотниците и рече: „Одведи го момчево при заповедникот, зашто има да му соопшти нешто!”

18. Стотникот го зеде и го одведе при заповедникот и рече: „Затвореникот Павле ме повика и ме замоли да го доведам при тебе ова момче, зашто има да ти каже нешто.”

19. Тогаш заповедникот го зеде за рака и се повлече со него насамо и го праша: „Што има да ми соопштиш?”

20. А тој рече: „Јудејците се договорија да те замолат да го одведеш утре Павла долу, во Синедрионот, како да сакаат поточно да се распрашаат за него.

21. Но немој да ги послушаш, зашто го дебнат повеќе од четириесет нивни луѓе, кои се заколнаа, да не јадат ниту да пијат додека не го убијат. И сега се подготвени, само го чекаат твоето ветување.”

22. Тогаш заповедникот го пушти момчето и му нареди: „Не кажувај никому, дека ми го јави ова.”

23. И повика двајца од стотниците и рече: „Пригответе двеста војници, седумдесет коњаници и двеста стрелци, за да тргнат за Ќесарија во третиот час на ноќта.

24. Пригответе и добиток, за да го качат Павла и да го одведат безбедно до управителот Феликс!”

25. И напиша писмо со следнава содржина:

26. ”Клаудиј Лисиј до угледниот управител Феликс - поздрав!

27. Овој маж го фатија Јудејците и сакаа да го убијат; јас дојдов со војската и го извлеков, кога научив дека е Римјанин.

28. Сакајќи да ја научам причината за која го обвинуваат, го доведов долу во нивниот Синедрион.

29. И најдов дека го обвинуваат заради спорни прашања на нивниот Закон, но дека нема никаква вина, која заслужува смрт или окови.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 23