Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 20:2-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

2. Откако ги помина оние краишта и ги ободри со многу зборови, дојде во Грција.

3. Таму остана три месеци. Бидејќи Јудејците направија заговор против него, кога сакаше да отплови за Сирија, реши да се врати преку Македонија.

4. И го придружуваа до Азија: Сосипатер Пиров од Берија, солунците Аристарх и Секунд, Гај од Дервија и Тимотеј, Тихик и Трофим од Азија.

5. Тие отидоа напред и нè чекаа во Троада.

6. А ние отпловивме од Филипи, после деновите на бесквасните лебови, и за пет дни дојдовме при нив во Троада, каде поминавме седум дена.

7. А кога во првиот ден на седмицата се состанавме да раскршуваме леб, Павле разговараше со нив, зашто сакаше да замине утреден. Го продолжи словото до полноќ,

8. а во горната соба, каде се бевме собрале, имаше многу светилки.

9. А едно момче, по име Евтих, кое седеше на прозорецот, го фати длабок сон и тоа, додека Павле зборуваше подолго, совладано од сонот падна од третиот кат долу и го дигнаа мртво.

10. Но Павле слезе, му се фрли, го прегрна и рече: „Не возбудувајте се, зашто неговата душа е во него!”

11. Потоа отиде горе, раскрши леб и јаде, и им зборуваше долго, сè до зората, и тогаш отпатува.

12. А момчето го доведоа живо и се утешија многу.

13. Ние тргнавме порано со бродот и отпловивме во Асос, откаде требаше да го земеме Павла, зашто така беше порачал, сакајќи да оди пеш.

14. А кога се состана со нас во Асос, го зедовме и дојдовме во Митилин.

15. И оттаму отпловивме и утреден дојдовме спроти Хиос; на другиот ден стигнавме во Самос, откако престојавме во Трогилија, на идниот ден дојдовме во Милит.

16. Павле реши да помине покрај Ефес, за да не се задржи подолго време во Азија; зашто му се брзаше, ако е можно да биде за денот на Педесетница во Ерусалим.

17. Од Милит Павле прати во Ефес да ги повикаат старешините на црквата.

18. А кога дојдоа при него, им рече: „Вие знаете како го поминав со вас целото време, од првиот ден кога стапив во Азија,

19. служејќи Му на Господа со сета понизност, со солзи и со искушенија, што ме најдоа од јудејските заговори;

20. како не пропуштив да ви кажам сè што е полезно и да ве поучам и јавно и по домовите;

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 20