17. Од Милит Павле прати во Ефес да ги повикаат старешините на црквата.
18. А кога дојдоа при него, им рече: „Вие знаете како го поминав со вас целото време, од првиот ден кога стапив во Азија,
19. служејќи Му на Господа со сета понизност, со солзи и со искушенија, што ме најдоа од јудејските заговори;
20. како не пропуштив да ви кажам сè што е полезно и да ве поучам и јавно и по домовите;
21. сведочејќи им на Јудејците и на Грците покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус.
22. А сега, еве, врзан во Духот, одам во Ерусалим не знаејќи што ќе ми се случи во него.
23. Освен што Светиот Дух ми сведочи, во секој град, велејќи дека ме чекаат окови и маки.
24. Но мене ни најмалку не ми е за душата; само да го завршам радосно својот пат и службата, која ја примив од Господа Исуса: да го посведочам потполно Евангелието на Божјата благодат.