Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 20:13-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Ние тргнавме порано со бродот и отпловивме во Асос, откаде требаше да го земеме Павла, зашто така беше порачал, сакајќи да оди пеш.

14. А кога се состана со нас во Асос, го зедовме и дојдовме во Митилин.

15. И оттаму отпловивме и утреден дојдовме спроти Хиос; на другиот ден стигнавме во Самос, откако престојавме во Трогилија, на идниот ден дојдовме во Милит.

16. Павле реши да помине покрај Ефес, за да не се задржи подолго време во Азија; зашто му се брзаше, ако е можно да биде за денот на Педесетница во Ерусалим.

17. Од Милит Павле прати во Ефес да ги повикаат старешините на црквата.

18. А кога дојдоа при него, им рече: „Вие знаете како го поминав со вас целото време, од првиот ден кога стапив во Азија,

19. служејќи Му на Господа со сета понизност, со солзи и со искушенија, што ме најдоа од јудејските заговори;

20. како не пропуштив да ви кажам сè што е полезно и да ве поучам и јавно и по домовите;

21. сведочејќи им на Јудејците и на Грците покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус.

22. А сега, еве, врзан во Духот, одам во Ерусалим не знаејќи што ќе ми се случи во него.

23. Освен што Светиот Дух ми сведочи, во секој град, велејќи дека ме чекаат окови и маки.

24. Но мене ни најмалку не ми е за душата; само да го завршам радосно својот пат и службата, која ја примив од Господа Исуса: да го посведочам потполно Евангелието на Божјата благодат.

25. И еве, сега знам дека сите вие, меѓу кои поминав проповедајќи го Царството Божјо, не ќе го видите веќе моето лице.

26. Затоа ви сведочам во овој ден дека сум чист од крвта на сите вас;

27. зашто не пропуштив да ви ја соопштам целокупната Божја намера.

28. Внимавајте на себе и на целото стадо, во кое Светиот Дух ве постави за надгледувачи, за да ја пасете Божјата Црква, која Тој ја придоби со Својата крв.

29. Јас знам дека по моето заминување, ќе навлезат меѓу вас свирепи волци, кои нема да го штедат стадото;

30. а и од вас самите ќе станат мажи, кои ќе зборуваат изопачено, за да ги одвлечат учениците по себе.

31. Затоа, бдејте и помнете дека три години - ноќе и дење - не прекратив да го советувам со солзи секој еден од вас!

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 20